Демократски сојуз укажува на потребата од единство и ги повикува сите партии да покажат државничко однесување и да не создаваат непотребна паника и страв кај граѓаните, користејќи ја војната на Блискиот Исток (Иран) за дневно политички поени. Според партијата, негативните рефлекси се присутни насекаде во светот, но преку медиумите и социјалните мрежи се предимензионираат и се создава нервоза и психоза на несигурност, при што на вакви состојби најчувствителни се пазарот и берзите, но и вештачки се нарушува и снабдувањето со енергенси итн.
„Многу брзо војната ќе заврши и ќе почнат разговори и веруваме дека во светот ќе надвладее потребата од мир, како на Блискиот Исток така и во Украина.
Македонија треба и натаму да ја следи политиката на САД и ЕУ, водејќи сметка за нашите стратешки и национални интереси.
Во овие турбулентни времиња и геостратешки и безбедносни раздвижувања, неопходно е разумно, одговорно и трпеливо однесување“, стои во партиското соопштение.
Глобалните цени на нафтата паднаа под 90 долари за барел откако министрите за финансии на Г7 најразвиени земји објавија дека доколку е потребно ќе ослободат нафта од стратешките резерви. Падот на цените на нафтата доаѓа и под влијание на изјавите на американскиот претседател Трамп кој рече дека целите во Иран се речиси исполнети и војната би можела наскоро да заврши. Тој упати закана до Техеран дека ќе се соочат со уште пожестоки напади ако го попречат сообраќајот во Ормутскиот теснец.