Војната со цената на нафтата ја почна Саудиска Арабија на своја штета

од desk3
78 прегледи

 

 

Energypress.net

На пазарот на нафтата се води војна со цените во која главна улога има Саудиска Арабија. Со ниската цена на нафтата таа се бори против конкуренцијата на САД и Иран. Притоа тоа повеќе нема економска логија ни за самата Саудиска Арабија.

Возачите во Европа со недоверба ги тријат очите: на лето кога најмногу се патува, цените на горивото на бензинските пумпи обично растат. Меѓутоа, оваа година цената постојано е ниска. Причината е војната околу цената на суровата нафта. Во светот пумпите на нафтените полиња работат без престан. Информативната служба на нафтените бранши OPIS соопшти дека во јули се извадени 350.000 барели дневно. И покрај тоа, некои земји продолжуваат со експлоатација со забрзано темпо.

nafta2

На пример Саудиска Арабија ја зголеми количината за цели 50.000 барели дневно. Стопанскиот експерт Томас Мајер за Дојче Веле зборува за употребата на „нафтеното оружје” кое не е закана за потрошувачите на Западот, туку за конкуренцијата и политички неподобните соседи. „Основна цел е да се победи конкуренцијата која се бави со фракирање, посебно во САД” – вели Мајер кој бил главен економист на Дојче Банка: „Втората цел е да се спречи Иран на пазарот на нафтата повторно да стане силен играч”.

По заострувањето на санкциите во 2012 година, Иран најмногу беше отсечен од меѓународниот пазар на нафтата. Производството во таа земја драстично е намалено, а извозот се преполови. Тоа се промени по потпишувањето на договорот за иранската нуклеарна програма. Во почетокот на годината на таа земја се укинати нафтените санкции. Азадех Замирирад од берлинската Фондација за науки и политика за Дојче Веле рече дека Иран следи три цели: „Првата цел е производството на нафтата да се доведе на ниво кое го имаше пред санкциите; втората е што побрзо да се врати изгубениот удел на пазарот и трета е да се обезбедат директни странски инвестиции во слабата инфраструктура во енергетскиот сектор”.

Ниската цена на нафтата го отежнува постигнувањето на тие цели. Покрај тоа, треба да се додаде и дека Иран во однос на Саудиска Арабија има двојно повеќе трошоци за експлоатација на нафта. Во Саудиска Арабија вадење на еден барел од земја чини 14 долари, а во Иран 30 долари. Во Русија тоа чини над 50 долари. „Од перспектива на Техеран, Саудијците сакаат со сите сили да го спречат политичкото и стопанското јакнење на Иран” – вели Замирирад: „Техеран секогаш го обвинуваше Ријад дека намерно ја намалува цената на нафтата”.

Притоа, поради ниската цена на нафтата и самата Саудиска Арабија трпи штета. Таа земја е зависна од извозот на нафта повеќе од Иран кој има разновидни стопански можности. Затоа и новата година за Саудијците почна многу невообичаено, со нагло зголемување на цената на бензинот. Поскапеа и дизелот и керозинот, како и гасот, струјата и водата.

Себастијан Сонс од Германското здружение за надворешна политика (DGAP) смета дека стратегијата за одржување на ниски цени на суровата нафта која ја спроведува Ријад е опасна. Државниот буџет е намален, а социјалните проблеми кои постојат со децении се уште не се решени. Тоа, како што вели Сонс, е високата стапка на невработеност меѓу младите, недостиг на ориентација, голема зависност од странска работна сила, голем државен сектор. И другите извозници на нафта имаат проблеми поради саудиската стратегија, додава Сонс. Но, нивниот збор не се слуша поради големото влијание кое Саудиска Арабија го има во организацијата на производителите на нафта ОПЕК: „Саудијците не прифаќаат ниту еден предлог и ја узурпираа моќта на одлучување во ОПЕК. Другите земји не можат да им се спротивстават”.

Војната со цените почна на министерскиот состанок на ОПЕК во декември 2014 година. Тогаш прашањето гласеше: како да се реагира на зголемениот обем на фракирање во САД и враќање на Иран на пазарот на нафта. Технологијата на фракирање која еколошките активисти жестоко ја критикуваат, за само неколку години од САД направи трета светска сила во производство на нафта, веднаш зад Саудиска Арабија и Русија. Од 2010 до 2015 година САД дупло го зголеми производството на нафта. За Леон Лесхус тоа зголемување на производството во САД е главна причина за падот на цените од средина на 2014 и почетокот на 2016 година. Овој експерт за нафта на Хамбуршкиот Институт за светско стопанство потсетува дека цените во тоа време од 100 долари паднаа на помалку од 30 долари по барел. Саудиска Арабија не го намалуваше своето производство за да го одржи притисокот на американските конкуренти. Бидејќи, фракирањето е поскапо од вадење на нафта од пустински песок.

Последниот обид за стабилизација на цените на нафтата пропадна кон средината на април во Доха. Се состанаа претставници од 18 земји кои произведуваат нафта, а со нив беше и претставникот на Русија која не е членка на ОПЕК. Требаше да се постигне договор за задржување на производството на нивото од февруари 2016 година. На состанокот немаше Иранци, иако нивната делегација беше поканета. Тие рекоа дека нема да ја ограничуваат количината на произведената нафта се додека не го достигнат нивото на производство кое го имале пред санкциите, значи во 2011 година. Многу други земји беа за ограничување. Не и Саудиска Арабија. Договорот пропадна поради ставот на Ријад.

„Нафтата како оружје” – вели Себастијан Сонс, „не служи само за зачувување на уделот на Саудиска Арабија на пазарот. Целта е да се запре Иран, ривал број еден”. Томас Мајер не очекува дека војната со цените на нафтата наскоро ќе заврши. Бидејќи „понудата не се намалува. Истовремено побарувачката е релативно слаба”. Се додека е така, на потрошувачите ќе им биде убаво.