Војната во Украина ги руши берзите, руските олигарси изгубија 39 милијарди за 24 часа

од Nikola Popovski
290 прегледи

Руските милијардери изгубија дури 39 милијарди долари за 24 часа поради падот на берзата предизвикан од одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да изврши напад врз Украина, или како што ја нарекуваат оваа воена акција во Москва, „специјална воена операција во Донбас“. Меѓу оние кои изгубиле најголем дел од своето богатство се пет милијардери блиски до Кремљ, наведува „Форбс“.

И покрај наглиот раст на цената на нафтата, најголема загуба претрпе Вагит Алекперов, косопственик на „Лукоил“, а неговото богатство се намали за 3,8 милијарди долари или 15,4 отсто од вкупното богатство што го поседуваше. Исто така, акциите на „Лукоил“ паднаа за повеќе од 30 отсто. Оваа компанија заедно со други државни гиганти како што е Роснефт беше цел на санкции кои САД и ги воведоа на Русија во 2014 година поради анексијата на Крим.

Мнозинскиот сопственик на фабриката за челик Северстал, Алексеј Мордашов, забележа загуба од 3,3 милијарди долари или 11,3 отсто од своето богатство. Голема загуба забележа и Сулејман Керимов, кој за 24 часа загуби 2,6 милијарди долари или 18,2 отсто од богатството. Керимов својата кариера ја направи со инвестирање во компании во Русија, а најголем дел од неговото богатство доаѓа од уделот на неговото семејство во најголемиот руски производител на злато „Полиус“.

Владимир Лисин, претседател на Групацијата НЛМК, најголемиот производител на челични производи, загуби 2,5 милијарди долари или 8,3 отсто од вкупниот капитал. Основачот на руската банка „Тинков“, Олег Тинков остана без две милијарди долари, а косопственикот на „Норникл“, Владимир Потањин остана без 1,9 милијарди долари или седум отсто од богатството.

За нијанса подобро помина Леонид Микелсон, главниот акционер на производителот на гас „Новатек“, како и со децении пријателот на Путин, Гренадиј Тимченко. Нивните сметки се празни 1,7 милијарди долари.

Леонид Федун забележа пад на капиталот од 1,2 милијарди долари, а Михаил Шелков 1,1 милијарди долари или 24,6 отсто од капиталот. Овој руски олигарх најголемиот дел од своето богатство го добил од својот удел во „ВСМПО-АВИСМА“, кој е најголемиот светски производител на титаниум за воздухопловната индустрија.

Роман Абрамович остана без милијарда долари, а освен тоа, британските опозициски пратеници побараа заплена на имотот на Абрамович, вклучувајќи го и фудбалскиот клуб Челзи.

Заканата од санкции од САД, Велика Британија и Европската унија може дополнително да го уништи богатството на најбогатите луѓе во Русија. Околу 116 руски милијардери изгубиле речиси 90 милијарди долари од 16 февруари, пресмета Форбс.

Сепак, најдрастичниот пад се случи утрото на 24 февруари, кога Русија започна воена инвазија на Украина. Индексот на Московската берза падна за повеќе од 33 отсто. Акциите на руските компании на лондонската берза паднаа за 70 отсто.

По руската инвазија, доларот и еврото ги обновија историските врвови во меѓународната трговија. Американската валута се искачи на 89,85 рубљи, а европската на 100,92 рубљи.

Фото: Kirill Zykov / Moskva News Agency

Слични содржини