Генералштабот на ерменската армија побара оставка од премиерот Никола Пашинијан. Премиерот на Ерменија ова го нарече обид за воен удар.
„Премиерот и Владата на Ерменија не се во можност да донесат соодветни одлуки во оваа криза и судбоносна ситуација за ерменскиот народ. Во врска со настанатата ситуација, ерменските вооружени сили бараат оставка од премиерот и Владата на Ерменија и истовремено предупредуваат на воздржаност од употреба на сила против народот, чии деца загинаа бранејќи ја татковината и Карабах“, се вели во соопштението на Генералштабот на вооружените сили на Ерменија.
Премиерот на Ерменија на својата Фејсбук страница најавата на армијата ја нарече обид за воен удар и ги повика неговите приврзаници да излезат на Плоштадот на Републиката.
„Наскоро ќе ѝ се обратам на јавноста“, напиша Пашинијан.
Популарноста на Пашинијан нагло се намали по потпишувањето на примирјето за Нагорно Карабах со Азербејџан во есента минатата година. Во согласност со договорот, Ереван мораше да се откаже од регионите Келбајар, Лачин и Агдам. После тоа, започнаа протести во ерменскиот главен град.