Волц: Израел има право да го брани својот народ од терористите на Хамас

од Nikola Popovski
44 прегледи

Американскиот советник за национална безбедност, Мајк Волц изрази поддршка за обновената воена кампања на Израел против Хамас, во услови на растечко противење од меѓународната заедница.

„Израел има целосно право да го брани својот народ од терористите на Хамас“, објавил Волц на мрежата „Х“.

Тој додал дека прекинот на огнот меѓу Израел и палестинскиот Хамас би бил продолжен доколку Хамас ги ослободи преостанатите заложници.

„Наместо тоа, тие избраа војна“, заклучил главниот помошник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Администрацијата на Трамп ја поддржа одлуката на Израел да не премине во втората фаза од преговорите за заложниците, поддржувајќи ја одлуката за продолжување на борбите во понеделникот вечерта, откако Хамас ја одби понудата на САД за продолжување на првата фаза од договорот.

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху едногласно гласаше за разрешување на шефот на израелската разузнавачка агенција Шин Бет, Ронен Бара, соопшти кабинетот на премиерот.

Последниот работен ден на Бар е предвиден за 10 април, а разрешувањето ќе биде забрзано од првично планираниот датум на 20 април, иако кабинетот на Нетанјаху вели дека Бар може да биде разрешен пред тој датум доколку министрите го одобрат назначувањето на нов шеф на агенцијата.

„Тоа е историски потег, бидејќи ова е првпат израелската влада да го разреши шефот на Шин Бет“, наведоа од „Тајмс оф Израел“.

Слични содржини