Поранешниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во НАТО и специјален пратеник за Украина, Курт Волкер, за време на панелот на Самитот за демократија во Југоисточна Европа во Црна Гора рече дека руската инвазија на Украина донесе момент на јасност и можност што не треба да се пропушти.
За време на неговата кариера, Волкер беше и помошник на поранешниот американски специјален пратеник за Босна и Херцеговина, Ричард Холбрук.
На прашањето на новинарите какви се шансите за повторување на конфликтот во Босна и Херцеговина во светло на војната во Украина, Волкер рече дека она што се случи во Украина е пример дека можноста за војна е реална.
„Не можеме да потцениме или да мислиме дека ако нешто се случило пред триесет години, не може да се повтори. Како што видовме во Украина, може да се случи. А кога ќе се случи, може да биде брутално и изненадувачки“, рече Волкер.
Тој истакна дека со години не забележал никаков напредок во политичката ситуација во Босна од кога бил активен во таа земја како дипломат.
„Не, не сум видел никаков напредок во управувањето со Босна со години и години. И тоа е тажно и мислам дека делумно е поради тоа што политичките лидери во Босна и Херцеговина не успеаја да се договорат и да изградат посилна, обединета земја“, рече Волкер.
Тој додаде дека смета оти САД и ЕУ се делумно одговорни за актуелната ситуација во Босна и Херцеговина.
„(Тие) ја оставија Босна и Херцеговина со нефункционална влада и потоа престанаа да ѝ посветуваат енергично внимание“, објасни Волкер.