Најголемата германска автомобилска компанија Volkswagen забележа драстичен пад на профитот во 2024 година, покажаа официјалните деловни резултати.
Овие резултати во јавноста ги соопшти извршниот директор на групацијата Фолксваген, Оливер Блуме, кој изјави дека VW во 2024 година остварил профит од 12,4 милијарди евра, што е за речиси 31 отсто помалку од една година порано.
Меѓу причините за лошите резултати, Volkswagen ги наведе високите трошоци, вклучувајќи го и затворањето на фабриката на Audi во Брисел.
Оперативната добивка падна за 15 отсто на 19,1 милијарди евра. Интересно, продажбата е зголемена за еден процент на 324,7 милијарди евра.
Ефектите од лошата економска состојба ќе ги почувствуваат и акционерите. Дивидендата ќе се намали за 30 проценти на 6,36 евра по приоритетна акција на берзата DAX.
За време на прес-конференција, VW изјави дека ќе продолжи да ги намалува трошоците, особено во контекст на платите, и објасни дека ќе се откаже од 11 отсто од платите во 2025 и 2026 година.
Сепак, и покрај лошите резултати, вработените во Volkswagen преку колективен договор ќе добијат бонуси за 2024 година. Вкупната премија е 4.799,50 евра. Вработените опфатени со тарифата на VW ќе добијат дополнителни 2.920 евра покрај мајската плата.
Од друга страна, VW исто така најави дека планира да направи значително помалку инвестиции во наредните години.
Од 2025 до 2029 година ќе бидат инвестирани вкупно околу 165 милијарди евра во нови капацитети, технологија и софтвер.