Volkswagen ги намалува целите за производство на батерии

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Целта на Volkswagen за изградба на капацитет на батерии од 200 гигават-часови до 2030 година не е „наметната“, а производителот на автомобили ќе следи како се развива побарувачката за електрични возила (ЕВ), изјави шефот задолжен за батериите на компанијата за германски весник.

„Нашата цел е реална, но не и „врежана во камен“. Градењето фабрики за производство на батериски ќелии не е цел сама по себе. Проширувањето на фабриките ќе зависи од тоа како ќе се развива пазарот на електрични автомобили“, вели Томас Шмал во интервјуто за весникот Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung, пренесува Ројтерс.

Volkswagen објави во 2021 година дека сака да изгради капацитет на батерии до 240 гигават-часови до 2030 година, од кои 200 гигават-часови ќе бидат изградени од неговата подружница за производство на батерии PowerCo. Се планира до крајот на деценијата да се отворат шест фабрики во Европа.

Сепак, Шмал оттогаш постојано ја преоценуваше таа цел, оставајќи го отворено прашањето дали производителот на автомобили ќе изгради дополнителни погони, вклучително и една што ја разгледуваше во Источна Европа, или ќе ги прошири постоечките.

Трите најавени постројки на PowerCo, во Валенсија, Шпанија, Онтарио, Канада и Салцгитер, Германија, имаат комбиниран капацитет до 170 гигават-часови. Фабриките во Шпанија и Канада би можеле да се прошират, но останува да се види дали производителот на автомобили ќе го стори тоа, рече Шмал, без да даде детали за тоа кога ќе биде донесена одлука.

Слични содржини