Volkswagen го најави електричниот Scout SUV

од Vladimir Zorba
238 прегледи

Во мај оваа година, Volkswagen ги објави своите планови кои предвидуваат две нови робусни електрични возила 4×4 во САД (пик-ап и SUV), чие производство, сепак, нема да започне до 2026 година.

Како што беше најавено тогаш, двата автомобили ќе бидат дизајнирани и произведени во САД (целта е да се продаваат 250.000 возила годишно), а првите прототипови ќе бидат претставени следната година. Со овој проект Volkswagen ќе го оживее теренскиот бренд Scout, кој го купи минатата година.

Во меѓувреме, пристигна нова тизер слика која го најавува електричниот теренец Scout.

Германците најавуваат дека компанијата Scout Motors ќе биде одвоена од главната марка Volkswagen и ќе биде „изградена на нов концепт на техничка платформа“ што ќе донесе „нов пик-ап и кредибилитет [на цврст теренец]“ над сегашната гама на моделите на VW.

Ова сугерира дека платформата MEB, која моментално се користи за Volkswagen EV, нема да биде усвоена.

„Компанијата ќе биде посебна единица и бренд во рамките на групацијата Volkswagen, која ќе се управува независно“, изјави главниот финансиски директор на групацијата Арно Антлиц. „Ова е во согласност со новиот модел за управување со групации – мали единици кои работат агилно и имаат пристап до нашите технолошки платформи за да ги искористат синергиите“.

Компанијата цели 10% удел на пазарот во сегментите на цврсти SUV (R-SUV) и пикапи во САД. „По успешниот пресврт на Volkswagen во САД, сега ја користиме можноста дополнително да ја зајакнеме нашата позиција на еден од најзначајните пазари во раст за електрични возила“, рече извршниот директор на групацијата Volkswagen.

Според VW, електрификацијата им дава историска можност да влезат во многу атрактивниот сегмент на пик-ап и R-SUV како групација, нагласувајќи ја амбицијата да станат релевантен играч на американскиот пазар.

Scout SUV претходно беше произведен од International Harvester, кој традиционално произведува земјоделски и комерцијални возила. Се произведуваше помеѓу 1961 и 1980 година како прв патнички автомобил на компанијата, а беше достапен и како пик-ап.