Volkswagen планира 11 нови електрични автомобили до 2027 година

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Германскиот производител на автомобили Volkswagen се надева дека побарувачката за електрични возила ќе се зголеми по неодамнешното забавување и останува фокусиран на нив, изјави шефот на компанијата Томас Шефер пред саемот за автомобили IAA.

„До 2027 година ние како бренд ќе претставиме 11 нови електрични модели на пазарот“, изјави Шефер за германската агенција dpa.

Иако побарувачката неодамна се намали, VW ќе продолжи да го фокусира своето внимание на електричните возила, вели тој.

„Претпоставуваме дека уделот на е-автомобилите во Европа значително ќе се зголеми во наредните години“, рече Шефер, кој неодамнешниот пад на побарувачката го нарече „привремен“.

Желбата за електрични автомобили, особено во Германија, се намали на почетокот на годината поради инфлацијата и до неодамна долгото чекање за испорака. Тоа значеше дека VW мораше да го намали производството во Емден на одреден период.

Сепак, ситуацијата сега е подобрена, изјави Шефер.

„Од мај, повторно забележавме нагорен тренд на новите нарачки“, објаснува Шефер.

Шефер ја отфрли можноста за намалување на цената, иако американскиот производител на електрични автомобили Tesla ги намали цените за да ја зголеми побарувачката.

Целта на VW е до 2030 година да го зголеми уделот на електрични возила на 80 отсто, а потоа на 100 отсто три години подоцна.

Продажбата на електрични возила сочинуваше 7,3 отсто од вкупната глобална продажба во првата половина на 2023 година, но Шефер вели дека тоа најмногу се должи на земјите како Бразил, каде што бизнисот е во зародиш.

„Во Европа уделот на е-автомобилите е веќе значително поголем. На крајот на првата половина од годината бевме на 15,1 отсто, само во Германија на дури 15,4 отсто“, додаде тој.

Тоа значи дека во Германија VW успеа да ја престигне Tesla и да стане бренд број еден кога се во прашање електричните возила.

Слични содржини