Најголемиот европски производител на автомобили, концернот Volkswagen, нема да вработува нови работници до понатамошно известување. Тоа е дел од планот за штедење што раководството е принудено да го направи поради ниската заработка.
Како дел од програмата со која концернот Volkswagen од Волфсбург треба да заштеди милијарди евра, до понатамошно известување е стопирано ангажирањето на нови работници и отворањето нови работни места. „Поради програмата за ефикасност, засега нема да има надворешни вработувања“, потврди за Business Insider портпаролот на Volkswagen. Сите погони во Долна Саксонија и Хесен се погодени од оваа мерка.
Заднина на оваа мерка е програмата за ефикасност која раководството на Volkswagen ја преговара со синдикатот од почетокот на октомври. Програмата треба да ја извлече VW од сегашните тешкотии предизвикани од високите трошоци и честите прекини на производството, со кои концернот се бори од почетокот на пандемијата на коронавирус. Дополнително, електричните автомобили не се продаваат во количини што ги очекуваше менаџментот, а концернот се уште оди по судови поради „дизелгејт“ аферата. Конкретно, продажбата на важниот кинески пазар падна. Во септември производството во фабриките на VW беше прекинато поради проблеми со ИТ мрежата.
Во првите девет месеци од годинава оперативната профитна маржа падна на 3,4 отсто. Тоа значи дека од 100 евра промет остануваат само 3,4 евра добивка. Програмата за ефикасност наречена „Програма за перформанси“, која беше објавена летово, треба да заштеди на концернот десет милијарди евра до 2026 година, а профитната маржа до 6,5 отсто. Пред неколку недели Volkswagen ги демантираше медиумските извештаи дека концернот планира да отпушти 4.000 работници во администрацијата.