Германскиот производител на автомобили Volkswagen ги потврди претходните информации за ризикот од пожар во plug-in хибриди на компанијата. Како резултат на тоа, речиси 120.000 возила ќе бидат вратени во сервисите. Покрај главната марка Volkswagen, погодени се и автомобилите Audi, Skoda и Seat. Краткиот спој околу батеријата може да предизвика пожар во автомобилот. Федералната служба за патен транспорт (КBА) во Фленсбург ќе ја следи работата како контролно тело, пишува Handelsblatt.
„Во некои случаи, осигурувачот во погонскиот систем на некои plug-in хибридни возила може да е неисправен“, потврди портпаролот на VW. Во најлош случај, овој осигурувач може да не работи правилно во случај на пренапон (краток спој). Според досегашните информации на VW, постои еден докажан случај во кој таков краток спој предизвикал пожар во plug-in хибрид (PHEV).
Во Германија речиси 26.000 Volkswagen автомобили мора да бидат однесени во работилница поради можен ризик од пожар. Во светот има околу 42.000 вакви VW автомобили. Засегнати модели се Arteon, Passat, Golf, Tiguan и Transporter T7 од 2019 до 2022 година. Audi мора да повлече речиси 25.000 автомобили ширум светот.
Поправката во сервисот е релативно лесна и брза. Од КBА додаваат дека за засегнатите возила ќе биде поставена дополнителна заштитна изолациона подлога на високонапонската преклопна кутија на батериите. Изолациската подлога, која ги елиминира потенцијалните опасности, се состои од мешавина од текстил и стакло отпорна на топлина.
Од Volkswagen нагласуваат дека реалниот ризик од пожар е мал. Во засегнатиот автомобил мора да има краток спој од една страна, а во исто време осигурувачот мора да биде неисправен. Веројатноста двата настани да се случат последователно е многу мала, велат од концернот. „Ова е превентивно повлекување од сервисот во име на безбедноста“, додаде портпаролот на VW.
Volkswagen не е првиот германски производител на автомобили кој има проблеми со своите електрични и полуелектрични автомобили. На крајот на 2020 година, Ford Europe и BMW беа погодени, иако во помала мера од VW. Во Ford поради опасност од пожар мораше да се испратат на сервис 30.000 plug-in хибриди, а во BMW – околу 27.000 автомобили. Причината била во неисправни батерии.
Ford чинеше стотици милиони евра бидејќи батериите мораше целосно да се заменат. За Ford Europe ова беше огромен технички и логистички напор, без преседан во автомобилската индустрија. Сервисните техничари мораа да бидат подготвени да ги заменат батериите, а Ford мораше да обезбеди безбеден транспорт на повеќе од 30.000 нови батерии.
Иако сега има околу четири пати повеќе автомобили, Volkswagen би требало многу полесно да се справи со акцијата од финансиска гледна точка. Поставувањето дополнителна изолациона подлога е минимална интервенција во споредба со целосна замена на високонапонската батерија, која чини неколку илјади евра за plug-in хибрид.