Цените на акциите на Волстрит нагло паднаа во средата, откако инвеститорите беа загрижени од коментарите на американската централна банка за инфлацијата, како и од првиот случај на варијантата „омикрон“ на коронавирусот во САД.
Dow Jones се намали за 461 поен, или 1,34 отсто, на 34.022 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,18 отсто, на 4.513 поени, а индексот Nasdaq – 1,83 отсто, на 15.254 поени.
На самиот почеток на тргувањето, овие индекси драстично пораснаа, па во еден момент S&P 500 порасна за 1,9 отсто. Но, во вториот дел од тргувањето, индексите ги загубија сите тие добивки и забележаа силен пад втор ден по ред.
Инвеститорите беа потресени од веста за првиот случај на инфекција со „омикрон“ во Соединетите држави кај лице кое дошло од Јужноафриканската Република.
Иако лекарите во Јужна Африка, каде што првпат се појави оваа варијанта, велат дека заразените луѓе немаат потешки симптоми од другите варијанти на вирусот, многу земји ги заоструваат граничните контроли.
Варијантата „омикрон“ би можела да биде позаразна од претходните и поотпорна на сегашните вакцини, па инвеститорите стравуваат од повторно затворање на економиите, што би го забавило закрепнувањето од корона-кризата.
„Се обидовме да купуваме во средата, по остриот пад на цените на акциите претходниот ден, но по веста за „омикрон“ во САД, пазарот остана без ветер во едрата“, изјави Крис Закарели, директор на Independent Advisor Alliance.
Инвеститорите беа дополнително потресени од претседателот на американската централна банка Џером Пауел, кој на вториот ден од конгресното известување за економската состојба рече дека ФЕД мора да биде подготвена да реагира во случај инфлацијата да не се намали во втората половина на следната година.
Волстрит драстично падна еден ден претходно, откако Пауел посочи дека повеќе не ја смета високата инфлација за привремена и дека ФЕД ќе ги преиспита плановите за намалување на програмата за купување обврзници на следната седница за две недели.
Ова предизвика шпекулации на пазарот дека поради инфлацијата, која би можела да остане висока подолго од проценетото, ФЕД може да го забрза процесот на откажување на програмите за купување обврзници, а потоа да ги зголеми каматните стапки порано од очекуваното.
„Пазарот е загрижен за две работи. Поради „омикрон“ варијантата, која би можела да биде отпорна на постоечките вакцини, и вербално поостриот Пауел од очекуваното“, вели Закарели.
На европските берзи пак цените на акциите вчера силно пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна 1,55 отсто, на 7.168 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 2,47 отсто, на 15.472 поени, а париски CAC – 2,39 отсто, на 6.881 поени.