Хаити прогласи 72-часовна вонредна состојба и воведе полициски час, а владата најави дека ќе започне потрага по убијци, киднапери и други насилни криминалци за кои верува дека избегале од затвор откако бандите ги ослободиле речиси сите машки затвореници, пишува Би-Би-Си утрово.
Вооружени банди упаднаа во затвор во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и ослободија голем број затвореници.Повеќето од околу 4.000 мажи затворени во главниот град побегнаа, изјави локален новинар за Би-Би-Си. Меѓу затворениците имало и членови на бандата обвинета за убиство на претседателот Џовенел Мојс во 2021 година.
„На полицијата и е наредено да ги искористи сите средства што ѝ се на располагање за да го спроведе полицискиот час и да ги уапси сите прекршители“, изјави министерот за финансии Патрик Боавер, кој ја извршуваше функцијата премиер.
Насилството во Хаити, најсиромашната земја во Америка, ескалира во последниве години, при што бандите се обидуваат да го соборат привремениот претседател Ариел Анри контролирајќи 80 отсто од Порт-о-Пренс.
Последниот бран на насилство започна во четвртокот, кога претседателот отпатува за Најроби за да разговара за доаѓањето на меѓународните безбедносни сили предводени од Кенија.
Водачот на бандата, Џими Шеризиер, рече дека ќе води координиран напад за отстранување на Анри, додавајќи дека целта на нападот била да се фатат шефот на полицијата и министрите на Хаити и да се спречи враќањето на Анри.
„Сите ние, вооружените групи во провинциските градови и вооружените групи во главниот град, сме обединети“, изјави поранешен полицаец за кој се верува дека стои зад неколку масакри во главниот град, пренесе Би-би-си.
Во бранот вооружени напади загинаа четворица полицајци, а петмина беа ранети. Француската амбасада на Хаити советуваше да не се патува во главниот град и неговата околина. Полицискиот синдикат на Хаити побара помош од војската за обезбедување на затворот, но нивниот штаб беше нападнат доцна навечер во саботата. Арнел Реми, адвокат за човекови права, чија непрофитна организација работи во затворот, објави на X дека помалку од 100 од скоро 4.000 затвореници остануваат зад решетки.
„Јас бев единствениот кој остана во ќелијата“, изјави за Ројтерс неидентификуван затвореник.
Од атентатот на претседателот Мојс во 2021 година, насилството е во пораст на Хаити. Неговиот наследник се уште не е избран, а избори не се одржани од 2016 година. Според политичкиот договор, требаше да се одржат избори и Анри требаше да се повлече до 7 февруари, но тоа не се случи. ОН објавија во јануари дека минатата година повеќе од 8.400 луѓе биле жртви на групно насилство на Хаити, вклучувајќи убиства, повреди и киднапирања, што е двојно повеќе од бројот регистриран во 2022 година.