Група разбојници облечени во воени униформи и вооружени со пушки влегле во притвор на обвинителството во мексиканскиот град Реиноса, близу границата со САД и го ослободија локалниот водач на картелот „Gulf“.
Обвинителите на државата Тамаулипас соопштија дека нападот бил извршен во средата вечерта, ден по апсењето на водачот на картелот, кој требало да биде изведен пред судијата.
Разбојниците ги совладале чуварите и го повеле осомничениот со себе.
Обвинителите го идентификуваа притворениот осомничен со прекарот Каламардо. Тоа име го користел Хозе Алфредо Хернандес Кампос, познат и како Ел Метро 27.
Додека полицијата трагаше по бегалецот и разбојниците, некој пукал кон обвинителите од возило. Полицијата возврати на огнот, убивајќи едно лице во возилото, а другото било фатено.
Еден од двајцата имал пропусница од Министерството за одбрана, но се уште не е познато дали е вистинска. И двајцата имале пушки и носеле маскирна облека во војнички стил.
Подоцна беа приведени уште двајца осомничени.
Групата Метро е еден од поголемите остатоци од распаднатиот картел „Gulf“, кој се бори против ривалските банди за да ја контролира областа повеќе од една деценија. Граничните градови се на профитабилни патишта за шверц на дрога и мигранти во САД.