Возачот на автобусот на Дурмо турс немал психичка болест или пореметување во време на настанот, изјави вештак невропсихијатар на денешното рочиште за несреќата кај Ласкарци.

Фото: Борче Поповски
Вештакот објасни дека по настанот се можни две состојби на несеќавање – потсвесни и свесни.
– Психолошки момент може да има по настанот. Несеќавањето се случува како одбранбен механизам кај лица кои сториле дело кое се коси со нивните морални ставови. Тоа несеќавање е потсвесен одбранбен механизам, додека свесната одбрана е несеќавање со цел да се избегнат последиците, изјави вештакот.
Вештакот, појасни дека низ разговор со обвинетиот констатирал дека тој има уредна функција на помнење, како за задршка на спомени, така и за нивно репродуцирање.
– Не сум констатирал психичко растројство кое можело да ги наруши времено или трајно неговите когнитивни функции. Интелигенцијата е константна во когнитивните функции. Таа е уредна и на ниво на просек, изјави вештакот.
Вештакот при прегледот констатирал психомоторна напнатост кај обвинетиот, за која рече дека е дел од конкретниот настан што му се случува.
– Во време на настанот, од доставената медицинска документација констатирав дека бил здрав и моториката била уредна, рече вештакот.
Манифестните симптоми, појасни сведокот се од актуелниот настан, од стресот и неизвесноста додека е во притвор по незгодата.
-Евидентна е психичка дисхармонија. Нагласени реакции на страв и лутина, а расположението му беше снижено, согласно губитокот на личната слобода. Револтот го почувствував како кон мене, така и кон целиот процес што се води против него, изјави вештото лице.
Вештакот посочи дека отсуствува медицинска документација и тој негира дека земал антидепресиви за време или пред несреќата.
– Терапија со антидепресиви има во јуни 2010 година и се совпаѓа со губиток на работа во ЖАС Гостивар. Од дијалогот не добив информации зошто е тоа, но заклучив дека од септември 2010 година откриена му е шеќерна болест и бил на лекување три месеци. Во тој период имал проблеми и од тогаш почнува да се третира шеќерната болест, рече вештакот.
Вештакот на почетокот рече дека од ЈО било побарано да изврши вештачење и да се произнесе за здравствената состојба на М. Т. во време на сообраќајката, дали има привремена или трајна растроеност, и дали ако има примал терапија, како тоа влијаело и за психичката состојбата на обвинетиот.
За вештачењето извршил увид во целокупната медицинска документација, а на 18 април 2019 година спровел и разговор со обвинетиот.
Следното рочиште е закажано за 19 февруари.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.