Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати пред Советот за безбедност на ОН. Тој ги опиша злосторствата, за кои тврди дека ги извршила руската армија во градот Буча во близина на Киев.
На крајот од своето обраќање пред Советот за безбедност, тој објави вознемирувачко видео на кое, според Зеленски, се прикажани злосторствата на руската армија во Украина, не само во Буча, туку и во Мариупол, Ирпин и други места.
Во свечениот говор преку видео-врска во живо во салата на Советот за безбедност, Зеленски ги повика ОН да ја исклучат Русија од Советот, чијшто е една од петте постојани членки, и да го реформира системот на ОН, така што „правото на вето не значи право на умирање“.
„Сега ни требаат одлуките на Советот за безбедност за мир во Украина. Ако не знаете како да ја донесете оваа одлука, можете да ги направите овие две работи“, рече тој.
Зеленски предложи да се исклучи Русија „како агресор и иницијатор на војната за да не се блокираат одлуките поврзани со нејзината агресија“ против Украина.