Вработените од здравствената установа ГОБ „8-ми Септември“ излегоа на протест

од Radmila Tasevska
153 прегледи

На протест денес излегоа здравствени работници од ГОБ „8 Септември“, причината за истиот беше доцнење на плата.

Денешниот мирен протест е организиран со цел да се изрази незадоволство поради неземена плата што требало да им биде исплатена на 10 февруари, меѓутоа доцни веќе десетина дена, рече претседателката на независниот синдикат при ГОБ „8 Септември“, Рената Ѓаконовиќ.

– Пробиен е законски рок од пет дена. Луѓето немаат пари, кредити неплатени, кој ќе ги плаќа каматите, кој ќе ги плаќа сметките. Едноставно тука имаме луѓе коишто работат за егзистенција со многу мал личен доход, што земаат по 18 илјади денари нето плата и морам да нагласам во тој контекст дека денеска, утринава, добивме известување од управата, со кое што се вели дека овој протест нема да биде официјален, изјави Ѓаконовиќ.

Таа вели дека нивниот Синдикат има доволно членови и е репрезентативни, додавјќи дека во една институција може да постојат неколку синдикати, а овој постои веќе неколку години.

Ѓаконовиќ додаде дека луѓето не треба да бидат обесхрабрени и да излезат да си го кажат својот глас и тоа што го мислат, бидејќи, како што рече, тоа што си го бараат е законско право на секого.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески нагласи дека немаат никаква покана за разговори и покрај тоа што имале пратено официјално барање до премиерот Димитар Ковачевски за средба.

– Денеска имаше протест на здравствените работници и во Геријатрија. Се надевам дека Владата ќе ја сфати сериозно работата, за тоа за што се платени. Не може, еве гледате што е здравството нема лекарства, починуваат пациенти, образование нема учебници завршува школска година. Ова е веќе несериозно, додаде тој.

Тој најави дека ќе иницираат исплатата на надоместокот за годишен одмор, популарниот К-15, да се вметне како обврска во Законот за работи односи, што е во подготовка.

– Имаме ние некои неофицијални разговори со Фондот, кажуваат еве денеска нешто наводно средиле во делот за боледување, социјала – не ги разбирам баш тие работи, меѓутоа кажаа дека до крајот на денот ќе успеат и со системот за плати. Јас се плашам, можеби немаат пари, гледате обврзницата, јас зборувам отворено, можеби немаат пари па чекаат некако да присоберат, изјави Ристески. Тој нагласи дека не само здравствените работници, туку сите членови на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), размислуваат за општ протест, блокади и за штрајкови.

Слични содржини