Вработените во Еуроникел ќе ја добијат цела септемвриска плата

од Nikola Popovski
403 прегледи

Вработените во Еуроникел денеска ќе го добијат заостанатиот дел од септемвриската плата. Веста дека е веќе потпишан налогот за исплата им била соопштена од страна на менаџментот на компанијата. Оваа информација ексклузивно за „Локално“ ја соопшти претседаелот на СИЕР, Игор Герасов. Сепак, во меѓувреме, останува неизвесно како ќе се реши целосната ситуација која е обременета со низа проблеми.

„Во моментов , тоа што е добро за синдикатот и сите вработени во компанијата е дека е обезбедена и платена и  електрична енергија за одржување  на печката до 1 ноември. На сопственикот нема да му дозволиме да ја изгасне печката затоа што тоа значи дека ќе згаснат сите работни места во наредниот период. Очекуваме средба за да се  решат проблемите и компанијата да продолжи со работа“, изјави Игор Герасов, претседател на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.

Според него, основната заложба останува иста-компанијата да продолжи со работата, а работниците да добијат покачени плати. Втората опција која би значела одење на компанијата во стечај би била поразителна за сите вели тој, но особено за работниците. „Еуроникел во изминативе години имал 4-5 пати подеми и падови, се менувала сопственичката структура, се отпуштале работници или заминувале како технолошки вишок и секогаш цехот го плаќа работникот. Притискаме на секој можен начин повторно да не дојде до тоа“, вели Герасов.

Инаку,во текот на  изминатиот три месечен период  за време на кој СИЕР инсистираше на покачување на основната плата на вработените   против аргументите  на менаџментот на ГСОЛ беа  дека не можат да обезбедат доволна продажба на нивниот производ, но и дека имаат проблеми во обезбедувањето доволни количини репроматеријал, руда за производство на фероникел легура. Како последица на ова, во претходните 6 месеци компанијата работеше со капацитет од 50-60% , што значи вели Герасов, дека во функција беше ставена само една печка која за разлика од поранешните  1200-1300 тони ,сега произведуваше максимум 500-900 тони. 

„Имавме протести и пред овие, како и одлука за штрај, но имавме помирувач од страна на работодавачот за да не се загрози дополнително процесот на работа. Стравувањата се остварија дека по вина на менаџерите и генералниот директор не може да се озбезбеди репроматеријал за производство. Ние јавно кажавме дека нас како работници не не интересира  кој ќе ја раководи компанијата, туку дека ни е само важно да има работа за  работникот да има плата којашто ќе ја однесе дома“, категоричен е Герасов.

Инаку, во Еуроникел има 800 вработени и 400 надворешни кооперанти кои работат како превозници.Д ополнително, важноста на комбинатот за вкупната економска состојба во државата ја потврдува и фактот дека  компанијата учествува со 5% во вкупниот БДП.

Засега, Еуроникел е единствениот негативен пример во металуршкиот сектор. Според СИЕР, платите во овие компании се секаде покачени и усогласени  со стапката на инфлација. Просечната плата во секторот според Герасов, се движи од  38-40 000 денари, највисока е платата на рударите во САСА од околу 60-100.000 денари, во Ладна валавница платите на вработените се движат до  47 000, а во Мермерен комбинат Прилеп околу 44000 денари . До почетокот на проблемите , Еуроникел во однос на просечната плата беше во топ три компаниите во секторот.

К.В.С.

Слични содржини