Врајоли: Поддршката од Северна Македонија е клучна за стабилноста на Косово

од Илинка Илиоска
1,4K прегледи

Косовските власти, предводени од претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, секојдневно предупредуваат за потенцијалните опасности од напади од Србија. Тие истакнуваат дека постои значително присуство на луѓе и оружје во близина на административната линија меѓу Србија и Косово.

Командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ, исто така изјави дека мисијата на НАТО внимателно ги следи безбедносните случувања и дека КФОР е подготвен да реагира во случај на зголемени тензии на северот на Косово.

На прашањето дали постои ризик од повторување на настаните од Бањска на 24 септември, Улуташ рече дека НАТО ја зајакна мисијата КФОР, распоредувајќи околу 1.000 дополнителни војници во Косово.

Тој додаде дека благодарение на распоредувањето дополнителни војници нивната активност на север е зголемена, дека патролите се тројно зголемени, вклучително и по административната линија.

И Ментор Врајоли, директор на Косовскиот центар за безбедносни студии, за „Локално“ коментираше дека ситуацијата е навистина сериозна и нестабилна.

„Во септември 2023 година, Косово се соочи со силна субверзивна закана од вооружени паравоени структури, кои беа поддржани од српските државни структури. Овие луѓе сè уште се на слобода и не се спречени од српските власти, што им овозможува потенцијално да се реорганизираат и да извршат слични напади во иднина“, рече Врајоли.

Косовската полиција има постигнато значителен успех во запленувањето на нелегално оружје и опрема од нападот во Бањска, но Врајоли предупредува дека „превентивните мерки можеби не се доволни без дополнителна поддршка од мировните трупи на НАТО (КФОР).“

Тој додаде дека КФОР го зголеми своето присуство во северниот дел на Косово, но не е јасно дали тоа ќе биде доволно за спречување на нелегалното внесување оружје и луѓе. Врајоли истакнува дека економскиот интерес на Србија во северниот дел на Косово е мал, но дека Белград е заинтересиран за одржување на тензиите.

„Мерките на косовските институции за искоренување на српските структури во овој дел од земјата претставуваат голем проблем за српската власт. Ова може да поттикне нови напади, но присуството на НАТО го отежнува директниот конфликт“, рече Врајоли.

Тој предупредува и на регионалниот ризик, посочувајќи дека евентуалното отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина би можело да предизвика ерупција на насилства во северниот дел на Косово.

“Во ова сценарио, северот на Косово би бил искористен за да се привлече дел од вниманието на меѓународната заедница таму, што би му одговарало на режимот на Додик. И во овој случај, ризикот Србија да се соочи со сериозна ескалација на односите со Западот и НАТО е голем. Па, од друга страна, не можат да се занемарат мотивирачките фактори кои постојат таму. Еден од нив е големото влијание што Русија го има врз раководството на Република Српска, како и интересот на Русија за поттикнување нови конфликти за ширење на фокусот на Западот во некои конфликтни области, што значи намалување на капацитетот на Западот да помогне на Украина во нејзините напори за целосно ослободување на нејзините територии“, додаде Врајоли.

Според него, од Северна Македонија, како блиска сојузничка на Косово, се очекува да ја поддржи стабилноста и територијалниот интегритет на Косово.

„Што се однесува до опасноста што може да и се закани на Северна Македонија во случај на евентуален конфликт, како што е познато, Северна Македонија и Косово природно имаат блиски односи, бидејќи голем број Албанци во Северна Македонија имаат семејни врски со државјани на Косово. Затоа, мислам дека е јасно дека интересот на Косово е само дополнително да ги продлабочи односите со Северна Македонија, а со тоа и нема интерес да го извезе конфликтот таму. Па, клучниот одлучувачки фактор во овој момент е каков ќе биде ставот на новата влада на Северна Македонија во однос на таков евентуален конфликт. Очекувањата на косовските граѓани и власти се дека Северна Македонија ќе продолжи да биде безрезервен поддржувач на одржувањето на мирот и територијалниот интегритет на Косово. И тоа би спречило какво било незадоволство на албанската заедница во Северна Македонија“, истакна Врајоли.

И.И.

 

 

Слични содржини