Унгарија ќе ги укине повеќето од преостанатите ограничувања поврзани со „Ковид-19“, вклучително и ноќниот полициски час, штом бројот на вакцинирани ќе достигне пет милиони, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан денес, додавајќи дека е време да се каже „збогум на маските“.
Тој рече дека маските повеќе нема да бидат потребни на јавни места, додека собири до 500 луѓе може да се одржат на отворено, пренесува Ројтерс.
Ќе бидат дозволени и свадби со најмногу 200 лица.
– Ова значи дека го победивме третиот бран на пандемијата. До викендот ќе ја достигнеме бројката од пет милиони вакцинирани. Унгарија е побезбедна земја од другите. Дојде време да се збогуваме со маските – рече Орбан.
Унгарија е единствената земја во Европската унија што одобри употреба на руски и кинески вакцини во големи количини пред тие да бидат одобрени од Европската агенција за лекови.
Затоа Унгарија е меѓу водечките земји во Европската унија во однос на вакцинациите, бидејќи 50% од населението примило барем една доза од вакцината.
Владата отвори бројни активности и објекти, вклучувајќи пешачки патеки, ресторани, бањи, театри, спортски сали и спортски објекти.