Врховниот суд на САД денеска го потврди законот со кој се забранува социјалната мрежа „ТикТок“, а забраната треба да стапи на сила веќе в недела.
Според законот, кинеската компанија „ByteDance“ треба да ги продаде американските операции на својата популарна социјална мрежа „ТикТок“ до 19 јануари или во спротивно ќе биде забранета во САД.
Според пресудата, законот, кој минатата година беше усвоен од големо мнозинство претставници во Конгресот, и републиканци и демократи, не го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, што ја штити слободата на говорот.
Со одлуката, е отфрлена жалбата на сопствениците на популарната апликација кои тврдеа дека забраната го прекршила Првиот амандман.
Судот дал непотпишано мислење, а немало евидентирано несогласување, пренесува „Cи-Ен-Ен“.
Одлуката уследи по предупредувањето од администрацијата на Бајден дека „TикТок“ претставува „сериозна“ закана за националната безбедност поради нејзините врски со Кина.