Вселенскиот патријарх Вартоломеј повика на заеднички датум за празнување на Велигден

Затоа што, навистина, одвоеното празнување на единствениот настан Воскресението на единствениот Господ е скандал!, порача Вселенскиот патријарх.

од Бети Божиноска
362 прегледи

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ги повика денеска сите христијани заедно да го прослават Велигден. Патријархот изрази надеж дека ќе може да се постигне договор за заеднички датум веќе следната година, кога Велигден ќе се слави на 20 април и според Грегоријанскиот и според Јулијанскиот календар, пренесува Catholic Culture.

„Го молиме Господа прославата на Велигден следната година на 20 април на двата календара да не биде само случајност, туку почеток на единствен датум за неговото одбележување и од источната и од западната христијанска црква“, рече Вартоломеј.

Тој изјави дека овој стремеж е особено значаен бидејќи во 2025 година се навршуваат 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја, на кој, меѓу другото, се формулирани правилата за одредување на датумот на Велигден.

„Меѓу неговите клучни дискусии беше прашањето за воспоставување заедничка временска рамка за велигденските прослави. Оптимисти сме бидејќи постои добра волја од двете страни. Затоа што, навистина, одвоеното празнување на единствениот настан Воскресението на единствениот Господ е скандал!“, порача Вселенскиот патријарх.

Вартоломеј и претходно изјави дека договорот за заедничкиот датум на Велигден ќе биде важна тема за подготовка на 1700-годишнината од Соборот во Никеја.

Велигден годинава падна на 31 март според Грегоријанскиот календар, а според Јулијанскиот календар ќе се одбележи на 5 мај.

Слични содржини