Во Македонија, граѓаните преку социјалните мрежи се повикуваат и денеска да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците, втор петок по ред, поради високите цени. Повикот се шири под мотото „Црн петок за маркетите“.
Сојузот на стопански комори на Македонија направи анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира. На одржаниот состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери а врз основа на анализата, се донесоа заклучоци дека потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците, да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста. Бројките од анализата покажале дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи.
Сојузот на синдикати и Организацијата на потрошувачи поддржуваат нов бојкот на маркетите со цел да се даде сигнал на трговците дека населението има моќ и може да придонесе да се намали профитот. Според Синдикатот, бојкот треба да има секој ден за да се реши овој проблем на подолг рок.
Владата го разбира револтот на граѓаните поради високите цени и бојкотот на маркетите. Очекува преку дијалог меѓу производителите, дистрибутерите, маркетите и потрошувачите да се најде решение.
До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.
-Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.
Бојкотот на маркетите има во цел регион односно во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Словенија, Словачка, Романија, Бугарија, Грција, Косово, Албанија и Унгарија. Наиде на голема поддршка во сите овие земји.
Минатиот петок започна првиот бојкот на ланците супермаркети во земјава, по моделот на Хрватска. Според податоците на УЈП, осумте најголеми трговски синџири тогаш имале пад на прометот од 46,59 отсто во однос на претходниот петок, но ден потоа прометот бил за 11,2 отсто поголем од претходната сабота.