Во Холандија втора ноќ по ред избувнаа немири поради новите правила за изолација поради зголемениот број заразени со корона.
Демонстранти ја нападнале полицијата и запалиле велосипеди во Хаг, ноќта откако претходните протести во Ротердам станале насилни, па полицијата отворила оган и ранила најмалку три лица, јавуваат локалните медиуми.
Немири избувнаа во неколку градови. Демонстранти со качулки запалија велосипеди на улиците на Хаг, додека полицијата употреби коњи, кучиња и палки за да ја растера толпата и да ги смири немирите.
Најмалку седум лица се уапсени.
Полицијата соопшти дека некој фрлил камен низ прозорецот на брзата помош, која превезувала пациент.
Хашката полиција на Твитер објави дека петмина полицајци се повредени, а еден е однесен со возило на брза помош со повреда на коленото.
Немирите уследија по немирите во Ротердам, кои градоначалникот ги осуди како „оргија на насилство“. Полицијата испука предупредувачки и директни истрели „бидејќи ситуацијата била опасна по живот“, пренесе Ројтерс.
Најмалку тројца демонстранти се во болница поради прострелни рани, соопшти полицијата. Властите започнаа истрага за инцидентот.
Холандија воведе тринеделно делумно затворање минатата сабота, откако забележа рекордно зголемување на ковид-случаите.
Баровите и рестораните мора да се затворат во 20 часот, а поголемите собири на спортски настани се забранети.
Многу влади ширум континентот воведуваат нови ограничувања, во обид да се справат со зголемениот број на заразени. Голем број земји неодамна пријавија рекордно висок дневен број на случаи.