Централноафриканската Република ја усвои криптовалутата биткоин како законско средство за плаќање и таа е втора земја во светот што го прави тоа, по Ел Салвадор.
Пратениците во парламентот едногласно ја усвоија одлуката, а претседателот Фаустин Арчангас Туадера го потпиша предлог-законот, со што биткоинот стана платежно средство како националната валута, франкот.
Претставник од претседателскиот кабинет изјави дека со овој потег Централноафриканската Република е ставена на мапата на земјите со најголема храброст и визија, пренесе Би-Би-Си.
Оваа земја е една од најсиромашните во светот, а во последните неколку години е зафатена од вооружени конфликти.
Во јуни 2021 година, Конгресот на Ел Салвадор со големо мнозинство го усвои предлогот биткоинот да стане официјално средство за плаќање во оваа земја. Цената на биткоинот скокна за околу пет проценти по ова гласање.