Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека Србија има свои граници, кои не се ниту руски, ниту граници на НАТО, туку утврдени со Повелбата на ОН и резолуцијата 1244.
По посетата на работите на изградбата на делот од брзата пруга Нови Сад-Суботица, запрашан да ја коментира изјавата на Курти, дека границите на Србија и Косово се границите на Русија и НАТО, Вучиќ рече дека ова е уште една од очајните политички пораки со кои Курти се обидува да се претстави како нов Зеленски и голема жртва, а него како мал Путин.
„Не знаев дека Курти во меѓувреме стана НАТО. Ние имаме своја држава која ја сакаме најмногу во светот со која се фалиме и се гордееме. Името на таа држава е Србија и границите не ги одредувате вие туку меѓународното јавно право“, рече претседателот на Србија.
Тој додаде дека во последно време слуша многу глупости и дека негова работа е да ја води државата како независна, суверена, слободна и слободарска земја и дека е горд што го прави тоа.
На прашањето да го коментира интервјуто со Едвард Џозеф во кое тој тврди дека Вучиќ ги довел во заблуда НАТО, ЕУ и Србите од Косово, Вучиќ одговори дека згрешил што го спомнал Џозеф, бидејќи тој, сепак, е претседател на државата.
„Тој ја води хајката затоа што се плаши. И она што го знам за него, не мислам да го споделам јавно, бидејќи сепак јас сум претседател. Јас сум човек кој знае што е за јавноста, а што не“, рече Вучиќ.