Вучиќ: Ги чуваме пријателствата со Русија и Кина

од Vladimir Zorba
219 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ го прими амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан-Харченко. На средбата се разговарало за натамошен развој на билатералните односи, вклучително и во областа на енергетиката.

Вучиќ го информирал својот соговорник за актуелната состојба на Западен Балкан.

Тој во оваа прилика ја истакнал непоколебливата определба на државниот врв на Србија со своите постапки да ги зачува мирот и стабилноста во регионот, се наведува во соопштението на Службата за соработка со медиумите на Претседателот.

Амбасадорот Боцан-Харченко му честитал на Вучиќ за неговиот реизбор на одговорната функција шеф на државата и му посакал со својата посветена работа да продолжи да придонесува за напредокот на српското општество и економија.

Заблагодарувајќи се за честитките, Вучиќ рекол дека Србија на својот европски пат ќе продолжи да ги зачувува традиционалните пријателства и партнерства со Русија и Кина.

На средбата се разговарало и за натамошниот развој на српско-руските билатерални односи, вклучително и во областа на енергетиката, со очекување наскоро да започнат разговори за количините, цените и другите услови за снабдување со гас.

За време на средбата, Боцан-Харченко зборуваше за тоа како Русија гледа на конфликтот во Украина.

Вучиќ изразил надеж за крај на конфликтот и желба за траен мир.

Слични содржини