Претседателот на Србија Александар Вучиќ ги повика косовските Срби да не учествуваат во армијата на Косово за чие формирање најавуваат властите во Приштина.

Вучиќ за време на заедничката седница на српската Влада и претставници на Срби од Косово рече дека приштинските власти планираат да ја претстават армијата на Косово на 28 ноември, на Денот на албанското знаме, албански национален празник.
Седницата во Белград беше најавена како донаторска конференција за Косово на Владата на Србија и претседателот Вучиќ при што тој рече дека Белград во следните 1,5 година ќе вложи 50 милиони евра во инфраструктурни објекти во општини со мнозинско српско население.
– Ги повикувам Србите од Косово да не учествуваат во тоа. Јавно и отворено ги повикувам да не учествуваат во формирањето на армијата на Косово бидејќи таа армија ја формираат не за друго, туку само да ги искористат Србите еден ден да пукаат врз Срби. Ги повикувам Србите на каков било начин да не учествуваат во таа нечиста работа. Во нечиста работа со газење дури и на сопствениот устав, нагласи Вучиќ.