Вучиќ: Србија бележи највисока стапка на раст на трговската размена со Унгарија

од Vladimir Zorba
142 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија бележи највисока стапка на раст на трговската размена со Унгарија.

По средбата со унгарската претседателка Каталин Новак во Белград, Вучиќ изјави дека трговската соработка во периодот од јануари до јули изнесува 2,2 милијарди евра, што е за 935,1 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани.

Тој пред новинарите изјави дека разговарале за енергетиката, инфраструктурното поврзување, како и за инвестициите во Војводина.

Според неговите зборови, соработката меѓу двете земји „станува неспоредлива, дури и во трговско-економска смисла со сите други земји“.

Вучиќ повтори дека односите меѓу Србија и Унгарија се на највисоко можно ниво во модерната политичка историја, како и дека соработката меѓу двете земји напредува во политиката, економијата и трговијата.

Вучиќ изрази благодарност до Унгарија што Србија ќе биде „помирна“ за да се соочи со зимата, бидејќи Унгарија и дозволи на Србија да го користи нејзиниот магацин.

„Верувам дека и покрај тешкотиите, ќе успееме да ја завршиме брзата пруга до крајот на 2025 година и дека од центарот на Белград до центарот на Будимпешта ќе стигне за 2 часа и 45 минути“, рече претседателот на Србија и додаде дека тоа ќе придонесе за натамошно зголемување на инвестициите во двете земји и трговската размена.