Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигна во Прашкиот замок каде денеска се одржува првиот состанок на Европската политичка заедница, а како и останатите официјални претставници го пречека премиерот на Чешката Република, Петр Фиала.
Вучиќ во своето обраќање пред новинарите изјави дека во Прага доаѓа со чист образ, дека не се плаши од оние кои ѝ се закануваат на Србија и дека неговиот одговор до европските лидери ќе биде љубезен, одговорен, сериозен и далекусежен.
На прашањето дали може да дојде до целосен прекин на преговорите поради невоведувањето санкции против Русија, тој одговори: „Не, зошто би, дали мислите затоа што Хрватска инсистира на тоа?“.
„Им посакувам многу успех по тоа прашање, не се расправам со никого, само најљубезно објаснувам, мојот одговор ќе биде љубезен, одговорен, сериозен, далекусежен“, рече Вучиќ, пренесува „РТВ.рс“.
Тој додаде дека Хрватска со тоа што довела до тоа Србија да не биде изземена од санкциите за увоз на руска нафта, само ја врши својата работа, која ја започнала во 1941 година.