Вучиќ и Османи во четврток во Гранада, има напори да бидат доведени во иста просторија

од Stefanija Kuzmanovska
219 прегледи

Полицијата во Белград уапси српски политичар четири дена откако тој призна дека бил дел од паравоената група вклучена во конфликтот со косовските безбедносни сили во кој загинаа четири лица, пишува „Гардијан“.

Овој конфликт се заканува да предизвика поширока ерупција на насилство, откако илјадници српски војници се распоредени на границата со Косово.

Тие беа повлечени дури по заканите за санкции од САД.

Белград негира каква било поврзаност со 30-члената паравоена единица, но во косовските медиуми се појавија слики на кои се гледа дека Милан Радоичиќ, заменик-претседателот на главната српска партија на Косово, слободно шета во Србија и покрај тоа што призна дека учествувал во заседата на косовската полицајци на 24 септември.

Министерството за внатрешни работи на Србија во вторникот соопшти дека на Радоичиќ му е одреден притвор до 48 часа и дека е извршен претрес во неговиот стан.

Косово инсистираше на тоа дека Србија стои зад вооружената група косовски Срби кои пресретнаа полициска патрола во селото Бањска на северот на Косово, убивајќи еден полицаец, а потоа беше вклучена во престрелка во која беа убиени тројца Срби пред да се засолнат во манастир.

Приштина укажа на големиот асортиман на модерно оружје, произведен во Србија, дека групата носела и доставила документ што покажува дека барем едно од овие оружја било обезбедено од српската армија.

Според косовските власти, целта била да се предизвика инцидент што ќе послужи како увертира за српските сили да интервенираат за да ги „заштитат“ етничките Срби на северот на Косово.

„Тоа беше добро планирано, добро структурирано и подготвено со единствена цел да се постигне анексија на северот на Косово во стилот на Крим“, изјави во вторникот за Си-Ен-Ен косовската претседателка Војса Османи.

 

„Тие сакаат да продолжат со нивниот план за дестабилизација на Западен Балкан и со тоа да му дозволат на Путин да отвори нов фронт против Западот на Западен Балкан. Работиме со сојузниците и партнерите и нема да дозволиме тоа да се случи“, додаде таа.

Радоичиќ беше близок соработник на српскиот претседател Александар Вучиќ на Косово.

Кога Вучиќ се сретна со косовските Срби во март 2022 година, Радочиќ, кој е под санкции на САД и Велика Британија поради корупција, седеше до него.

За време на интервјуто за Си-Ен-Ен во понеделникот, Вучиќ беше запрашан дали неговата влада ќе преземе правни мерки против Радоичиќ и сите одговорни за заседата.

„Се разбира, Србија ќе бара одговорност од луѓе кои извршиле криминални дела и кои можеме да ги најдеме на наша територија, обвинителите ќе си ја завршат работата“, рече Вучиќ, но додаде и дека инцидентот е резултат на тоа што Србите сакале „да се заштитат“.

Вучиќ и Османи во четврток ќе присуствуваат на самитот на европските лидери во Гранада, а извори велат дека има напори тие да бидат во иста просторија и покрај политичкото непријателство меѓу двете земји.

Слични содржини