Вучиќ и се извини на Германија за непроверена изјава на министерот Гашиќ

од Radmila Tasevska
274 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и се извини на Германија за тврдењата на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ дека припадници на германската тајна служба го прикривале убиецот на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ.

Ивановиќ, поранешен пратеник во Собранието на Косово и лидер на Граѓанската иницијатива Слобода-Демократија-Правда, беше убиен на 16 јануари 2018 година во атентат во северниот, мнозински српски дел на Косовска Митровица, а истрага за неговото убиство покренаа и Белград и Приштина.

Косовскиот министер за правда Абелар Тахири до неодамна тврдеше дека главен осомничен за убиството е Милан Радоичиќ, еден од лидерите на Српската листа, водечката политичка партија на косовските Срби, која Ивановиќ го гледаше како главен противник.

Актуелниот српски министер за внатрешни работи, до неодамна шеф на Тајната служба (БИА) и поранешен министер за одбрана, Братислав Гашиќ, пред два месеци во Собранието на Србија изјави дека државата знае кој е убиецот на Ивановиќ.

„Знаеме точно кој е убиецот и побаравме од германските служби под чија заштита е тој човек да ни дадат информации“, изјави тогаш Гашиќ.

Вучиќ денеска на новинарите им рече дека со проверките со припадниците на германската служба во изминатите 20 дена добиле уверување и докази дека не ги прикриваат тие податоци.

„Во мое име барам да го прифатат извинувањето. Продолжуваме со акции по тој повод и по тоа прашање и се надевам дека ќе постигнеме конкретни резултати“, рече Вучиќ.

Разрешувањето на министерот за внатрешни работи Гашиќ е едно од барањата на учесниците на граѓанскиот протест „Србија против насилството“, започнат по двете масовни убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и во две села во близина на Белград.

Слични содржини