Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека САД го одложиле воведувањето санкции врз Српската нафтена индустрија (НИС) за осум дена со цел, како што рече, „да покажат почит кон Србија“.
„Им се заблагодаривме, сакаа да покажат почит, да ни кажат дека нè слушаат и ја разбираат нашата позиција. Им се заблагодаривме за тоа, но дали добивме нешто суштинско со тоа? За седум дена ќе го имаме истото прашање, а јас сè уште немам одговор“, рече Вучиќ во Обреновац, каде што учествуваше на граѓанскиот марш против блокадите.
Тој додаде дека ќе има реакција од Србија и самата НИС, и кон американската страна и кон другите партнери кога станува збор за нови понуди.
„Верувам дека ова е добро, но дали ќе биде доволно и дали ова е она што го сакаат Американците – ќе видиме“, рече Вучиќ.
Санкциите на САД против НИС требаше да стапат во сила на 1 октомври, но рокот сега е поместен барем до 9 октомври.
Одложувањето на санкциите е важно и за ЈАНАФ, која снабдува нафта со рафинеријата во Панчево, а овој бизнис сочинува добар дел од приходите на хрватската компанија, од кои велат дека се подготвени за сите сценарија.