Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е во тек обид за „обоена револуција“, обвинувајќи неименувани центри на моќ дека „инвестирале три милијарди евра“ во рушење на државата.
Ова го изјави на митингот „Се среќаваме кај Сретење“ што се одржа во Сремска Митровица на 15 февруари, Денот на српската државност.
Вучиќ рече дека тоа се случува затоа што Србија го гледа Косово како дел од својата територија и „не се согласила да капитулира“. Тој рече и дека има обид за „намалување на економската моќ на Србија“. Како трета причина тој го наведе отцепувањето на автономната покраина Војводина.
„Србија не ја сакаат оние кои ги организираа тие протести и кои вложија три милијарди евра во уништувањето на Србија. Нивната цел е да ја ослабат Србија“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија нема да воведува санкции кон Русија, како и дека официјален Белград сака пријателски односи со Кина и „сака да се приклучи на Европа“.
Вучиќ ги повика студентите во блокадата „да размислуваат за својата иднина“ и дека можат да прогласат победа бидејќи сите нивни барања се исполнети.
„Вратете се на своите места“, рече тој.
Вучиќ на крајот од својот говор го најави и претходно најавеното усвојување на Декларацијата за Војводина со народна акламација, што, според него, е направено.
Усвојувањето на „Декларацијата за Војводина“ претходно беше најавено како одговор на наводните сепаратистички иницијативи на протестите поради уривање на настрешница во Нови Сад.
На настанот говореше и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој во своето обраќање пред насобраните на митингот, го честита Денот на државноста на Србија, а како што рече „од оваа година и Денот на државноста на Република Српска“.
Тој рече дека Србија не сака да ја анектира Република Српска, но дека Република Српска сака да биде Србија.
Милорад Додик и претходно во своите изјави испрати сецесионистички пораки за „државноста на Република Српска“. Република Српска е една од двете административни единици на државата Босна и Херцеговина.
Митингот во Сремска Митровица, кој се одржа на покана на претседателот на Србија, беше организиран истиот ден со неколкучасовниот протест на студентите и граѓаните во Крагуевац поради смртта на 15 лица по урнатата настрешница во Нови Сад на 1 ноември.
Студентите кои од крајот на ноември блокираа повеќе од 60 факултети низ земјата бараат кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад.
Тие бараат и одговорните за нападите врз нив и другите граѓани за време на протестите да бидат кривично гонети.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.
Студентите и академската заедница го отфрлаат ова како лажно.