Вучиќ на средба со Писториус: Различни ставови по прашањето за Косово

од Radmila Tasevska

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград се сретна со германскиот министер за одбрана Борис Писториус, по што порача дека имаат различни ставови за Косово и дека се согласиле дека мирот и стабилноста се од клучно значење за сите во регионот и Европа и дека нестабилноста не е во ничиј интерес, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ кажа дека нема согласност за прашањето за отстранување на динарот од Косово, укажувајќи дека Србија, во согласност со Повелбата на ОН, смета дека отстранувањето на динарот од Косово е целосно незаконско и дека не е прашање на некои преодни одредби и давање повеќе време.

– Приштина денеска целосно незаконски ги стопираше парите наменети за нашиот народ, врз основа на тоа дека е суверена држава, ако е така, ги прашувам сите наши западни партнери зошто не повикувате на дијалог, што барате од Србија ако имате право на се, но во секој случај тоа е тешка ситуација за нашиот народ, за тоа ќе зборувам во Советот за безбедност на Обединетите нации, рече Вучиќ.

Тој истакна дека дал збор дека Србија нема да изненади никого со воени или други потези.

– А, мојот збор, патем, значи многу повеќе од многу потписи што сум ги видел и во регионот и во Европа. Тоа е од наш голем и огромен интерес, рече Вучиќ на прес-конференцијата по средбата.

Како што кажа, позициите на Србија и Германија за Косово се различни, „но ние многу добро разбираме дека дијалогот е единственото решение за кризата, нашите власти ќе продолжат да ги истражуваат настаните од 24 септември, но бараме и во рамките на ЕУЛЕКС да се спроведе истрага за обидот за убиства на најмалку седум Срби, вклучително и две деца и други случаи“.

Вучиќ рече дека повторил дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на БиХ како меѓународно призната држава и дека никогаш не го довел во прашање интегритетот на Босна и Херцеговина, како што никогаш не го довел во прашање интегритетот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина.

Тој исто така нагласи дека важноста за влез во ЕУ останува цел на Србија и дека во согласност со тоа се одржаа многу фер и чесни избори, како и дека Србија ќе ги прифати сите препораки на ОДИХР.

Одговарајќи на прашање на германски новинар за бројот на Русите и руското влијание во Србија, Вучиќ оцени дека „руското економско влијание е неспоредливо помало од германското“, а кога станува збор за политичкото влијание, посочи дека не може да зборува за сите актери, бидејќи „на некој можеби имаат влијание, на некој можеби немаат“.

– На премиерот, на претседателот на Собранието, на претседателот на Републиката никој, освен граѓаните на Србија, нема никакво влијание, рече Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со германскиот министерот за одбрана, Борис Писториус.

Вучиќ изјави дека во Србија нема многу Руси, тој број го процени од 45 до 50 илјади и истакна дека овие Руси главно се ориентирани против претседателот на Русија Владимир Путин, додека Украинците во Србија главно зборуваат руски и многу повеќе се ориентирани во корист на претседателот Путин.

Слични содржини