Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на почетокот на изградбата на железничката обиколница околу Ниш изјави дека за него и за Владата на Србија пругата Белград-Ниш е еден од најважните проекти, и нагласи дека ќе се разговара со ЕУ за довршување на делот од пругата од Ниш до Прешево и Македонија.
– Од Белград до Ниш со воз ќе се патува еден час и 40 минути, а од Будимпешта до Ниш само четири и пол часа, рече Вучиќ во Ниш.
Тој посочи дека кога Србија ќе има брза пруга од Белград до Ниш, ќе биде многу побрзо да се патува до Грција и Турција и нагласи дека ќе се разговара со ЕУ за довршување на делот од пругата и од Ниш до Прешево.
– Тогаш ни останува само со Северна Македонија да разговараме. После тоа, со неверојатни брзини ќе стигнеме до Солун и Атина, изјави Вучиќ.
Тој рече дека за него и за Владата на Србија, пругата Белград-Ниш е еден од најважните проекти.
– Со Европејците разговаравме за тоа со години. А потоа кога ни кажаа дека ќе ни дадат подарок од 600 милиони евра, тогаш реков одлично, ајде да работиме. Тоа ќе биде нова Србија, поинаква Србија, тоа е она за што сонуваме, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија кажа дека железничката обиколница ќе биде за брзини на возови до 160 километри на час.