Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска реагираше на изјавата на поранешниот врховен командант на НАТО за Европа и екс-генерал Весли Кларк, кој посочи дека Србија мора да оди во иднината без Косово и праша дали Кларк ќе го има истото мислење кога е и Украина во прашање.
Кларк изјави дека е „горд на операцијата што беше спроведена против Србија, односно на Косово и дека Србија мора да оди во иднината без Косово“, а Вучиќ истакна дека не гледа во што се одразува оваа голема гордост, кога 19 земји ги прекршиле правилата ОН, Повелбата на ОН, и покрај одлуката на Советот за безбедност на ОН, нападнале мала земја.
-Весли Кларк е горд на она што го направи, а луѓето во Србија се револтирани поради тоа што го направи. Не гледам каква е оваа голема гордост кога 19 земји нападнаа мала земја и покрај правилата на ОН, Повелбата на ОН и одлуката на Советот за безбедност на ОН. Ако тоа му служи на неговата чест и гордост, тогаш тоа кажува многу повеќе за него отколку за нас, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека новинарот кој го интервјуирал Кларк требало да го праша дали го мисли истото кога е Украина во прашање или, како што додава, важат различни правила.
-Сметаме дека треба да важат истите правила, затоа го поддржуваме интегритетот на Србија, како и интегритетот на Украина во согласност со Повелбата на ОН, рече претседателот на Србија.