Никогаш нема да ја признаам независноста на Косово, изјавил денеска српскиот претседател Александар Вучиќ на митинг за време на неговата посета на Врање.
Претседателот на Србија рекол дека прва обврска е „да ја заштитиме нашата земја и националните интереси, но пред се да ги заштитиме мирот и стабилноста“.
Сепак, како што изјавил, треба да дојде до помирување со Албанците.
– Потребна ни е одговорност на сериозна држава. Ни требаат луѓе кои цврсто и жестоко ќе ги штитат нашите државни и национални интереси, но и луѓе кои ќе знаат да водат мудра политика и како да ја спасат Србија од бурните води и брутално силните ветришта, а не оние кои мислат дека со несериозноста и неодговорноста и со авантуризам можат да ја спасат Србија. Не би поверувале, ама би ја уништиле за три дена, кажал Вучиќ.
Тој истакнал дека геополитичката ситуација во Европа и светот се променила подрастично со конфликтот во Украина отколку кога се урна Берлинскиот ѕид со конфликтот.
– Само некои се прават дека не разбираат и не гледаат колку е тешка положбата на Србија, и колку е неподнослива леснотијата на нивната неодговорност, бидејќи за неколку дена би ја уништиле државата. Никогаш не ни разбраа што значи држава. Се претставуваат како спасители, а ние видовме какви спасители беа, кога не кренаа прст, кога ги убиваа нашите на Косово и Метохија, а денес глумат големи патриоти, рекол Вучиќ.