Вулин: Ќе го зголемиме бројот на луѓе на границата со Северна Македонија поради мигрантите

од Nikola Popovski
235 прегледи

Србија ќе го зголеми бројот на луѓе на границата со Северна Македонија со цел да го намали бројот на илегални влегувања во земјата, изјави денеска во Белград српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, по средбите со унгарски и австриски претставници за управување со миграциските процеси.

Вулин на новинарите во Палатата Србија по средбата изјави дека ова е начин за подобра контрола на миграцијата и нагласи дека нема да се градат нови прифатни центри, како и дека нема да има проширување на капацитетите.

Зборувајќи за усогласувањето на визната политика на Србија и ЕУ, Вулин изјави дека Србија таа политика најпрво ќе ја усогласи со оние земји од кои доаѓаат најголем број мигранти во Унгарија и Австрија.

На прашањето дали Србија има преземено некакви обврски во договорите на трите земји, Вулин изјави дека нема посебни обврски и дека Србија е партнер со Унгарија и Австрија во овој поглед.

Министерот изјави дека на средбата биле поставени конкретни задачи за трите земји кои имаат заеднички проблем, со оценка дека бројот на бегалци и мигранти „речиси експлодирал“ и е близок со оние од 2015 година, кога беше најголемата мигрантска криза.

Вулин оцени дека од 2015 година до денес се создадени меѓународни организации за криумчарење „кои заработуваат милијарди и не сакаат ова да престане“, и дека единствениот начин да се запре мигрантската криза е „земјите кои се крајна цел на мигрантите да направат политичка одлука еднаш засекогаш сакале или не“.

„Ако ги сакаат, тогаш треба да организираат легален начин да ги примат, а не да бараат од другите земји да ги примат. А ако не ги сакаат, тогаш треба да им дадат до знаење дека нивното нелегално влегување е кривично дело и дека не можат да добијат никаква виза“, посочи Вулин.

Тој оцени дека ќе има шверцерски банди додека не се донесе таква одлука, нагласувајќи дека „тоа веќе не е хуманитарно прашање, туку прашање на почитување на правото, криминалот и политичката волја на земјите кои се крајни дестинации на мигрантите“.

Слични содржини