Вицепремиерот на српската Влада и министер без ресор, Александар Вулин во понеделникот во Москва се сретна со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Сергеј Шојгу.
Вулин му се заблагодарил на Шојгу за поканата да учествува на состанокот на високи претставници за безбедност на БРИКС и земјите партнери во Санкт Петербург организиран од Советот за безбедност на Руската Федерација.
Според соопштението од кабинетот на Вулин, тој го информирал Шојгу за актуелната ситуација на Косово, за која како што рекол, е на работ на конфликт и посочил дека политиката на властите во Приштина е „етничко чистење на јужната српска покраина од Срби“.
Вулин изразил благодарност до Руската Федерација за доследно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија.
Пред пет дена, на состанок одржан на маргините на Источниот економски форум, Вулин се сретна и со рускиот претсеедател Владимир Путин. Москва очекува претседателот на Србија, Александар Вучиќ да дојде на есен во рускиот град Казањ, на самитот на БРИКС.