Во рамки на меѓународната акција „Хотспот”, припадниците на српската полиција спроведоа акција, која почна утрово во 6.00 часот, на териториите на осум полициски управи во Србија, во која беа извршени детални претреси на прифатни центри за мигранти, како и на просториите во кои престојуваат, со цел пронаоѓање на нерегуларни мигранти и членови на организирани криминални групи вклучени во нивниот шверц, пренесуваат српските медиуми.
Според соопштението на МВР, министерот за внатрешни работи Александар Вулин заедно со републичкиот комесар за бегалци и миграции Владимир Цучиќ присуствувале на акцијата спроведена на територијата на белградската општина Савски Венац.
Вулин кажа дека осум полициски управи, во соработка со Безбедносно информативната агенција (БИА) и Комесаријатот за бегалци, како дел од меѓународната акција против илегалната миграција и борбата против трговијата со луѓе, „направиле се во согласност со законот да илегалната миграција, а на прво место шверцерските банди, да се откријат и приведат пред лицето на правдата”.
-Србија нема да биде паркинг за мигранти, Србија ќе ги почитува своите закони и очекува сите, без разлика на нашата хуманост и организираност, да ги почитуваат нашите закони. Нашиот секојдневен живот нема и не може да биде загрозен и нашиот живот не може да стане жртва и предмет на работа на шверцерските банди, изјави Вулин.
Полициски службеници од полициските управи во Белград, Суботица, Сомбор, Кикинда, Шабац, Краљево, Врање и Нови Пазар уапсија седум лица под сомнение дека организирале трговија со луѓе и откриле 991 нерегуларен мигрант кои ќе бидат префрлени во прифатните центри.