Германската компанија Volkswagen сака да ја продаде својата фабрика за склопување автомобили во рускиот град Калуга, а казахстанската компанија „Азија Ауто“, лоцирана во источниот град Оскемен, би можела да биде потенцијален купувач бидејќи има лиценца за производство на автомобили Volkswagen и Škoda, објави рускиот весник „Ведомости“.
Во извештајот, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со намерите на компанијата, се вели дека VW ќе ги финализира своите планови за фабриката во Калуга до крајот на годината, пренесе Ројтерс.
Британската агенција наведува дека во одговорот испратен по електронска пошта, портпаролот на Volkswagen, Николај Лауд изјавил дека „компанијата ги следи актуелните настани“.
„Разгледуваме различни идни сценарија. Сепак, се уште не е донесена одлука“, изјави Лауд.
Во март, Volkswagen објави дека производството на локациите во Калуга и Нижни Новгород ќе биде суспендирано до понатамошно известување поради санкциите на Западот наметнати на Москва по инвазијата на Украина и дека извозот на возила во Русија веднаш ќе биде запрен.