Социјалната мрежа „X“ го блокираше рекламирањето на Европската комисија на својата платформа, како одговор на одлуката на Европската унија да ја казни компанијата со 120 милиони евра за кршење на Законот за дигитални услуги, објави денес Би-Би-Си.
Никита Бер, еден од директорите на компанијата, ги обвини регулаторите на ЕУ дека ја користат можноста и рекламниот простор на социјалната мрежа за да објават во петокот за казната на X.
„Се чини дека мислите дека правилата не треба да важат за вашата сметка“, рече тој, додавајќи: „Вашата сметка е укината“.
Портпарол на Европската комисија изјави за Би-Би-Си дека Комисијата „секогаш ги користи социјалните медиуми со добра намера“.
Казната против X, изречена во петокот, беше прва според Законот за дигитални услуги на ЕУ.
Регулаторот на ЕУ рече дека системот за сини значки на платформата бил „заведувачки“ бидејќи компанијата не успеала да ги потврди корисниците, оставајќи ги ранливи на измама со лажно претставување и други форми на манипулација од страна на злонамерни актери.
На платформата X ѝ беа дадени 60 дена да одговори на загриженоста на Комисијата во врска со таканаречените „сини значки“ или ќе се соочи со дополнителни казни.
По изрекувањето на казната, извршниот директор на компанијата, Елон Маск, изјави дека ЕУ „треба да се укине“ и го ретвитна одговорот на друг корисник на X, споредувајќи го со фашизам.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, и Федералната комисија за комуникации (FCC) го обвинија регулаторот на ЕУ за напаѓање и цензурирање на американските компании, додавајќи дека „времето за цензурирање на Американците преку интернет е завршено“.