Xiaomi објави дека ќе го претстави својот втор модел на 22 мај, а тоа е SUV наречен YU7.
YU7 првично требаше да биде лансиран во „јуни или јули“, но Xiaomi одлучи да го стори тоа порано и покрај тоа што Bloomberg неодамна објави дека SUV-от ќе биде одложен. Ова тврдење беше демантирано од Ванг Хуа, раководител на односи со јавноста во Xiaomi.
Кинескиот бренд влезе на пазарот на автомобили пред една година со претставувањето на седанот SU7 дизајниран да му конкурира на Tesla Model 3, а сега ќе го покаже својот втор електричен модел на 22 мај. Деталите за цените ќе ги објави ко-основачот и извршен директор на компанијата, Леи Џун.
YU7 ќе му биде конкурент на освежениот Model Y на Tesla, кој беше лансиран во Кина претходно оваа година и беше најпродаваниот електричен автомобил во земјата во март со повеќе од 43.000 регистрирани единици.
Сепак, во април, продажбата на Model Y падна за 24 проценти во однос на минатата година, паѓајќи на третото место со помалку од 20.000 продадени единици. На почетокот на секој квартал, „Tesla China“ го дава приоритет на извозот од својата фабрика во Шангај пред да се фокусира на домашниот пазар.
Првиот модел на Xiaomi, SU7, регистрираше 28.585 регистрации во Кина во април, што го прави четвртиот најпродаван седан во земјата во тој период.
Според достапните информации, YU7 ќе се продава во верзии со еден и два електрични мотори. Моделот YU7 со еден електричен мотор ќе понуди опсег од 835, 820, 810 и 725 километри. Добавувачот на батерии е CATL.
Капацитетот на поголемата батерија е 101,7 kWh, а ќе обезбеди опсег помеѓу 670 и 750 километри.
Втората опција е малку помала батерија со капацитет од 96,3 kWh, која овозможува опсег помеѓу 725 и 810 километри.
YU7 е долг 4.999 милиметри, широк 1.996 милиметри и висок 1.600 милиметри, додека меѓуоскиното растојание е 3.000 милиметри.
Фотографиите што „протекоа“ на интернет минатиот месец открија дел од ентериерот, имено различна контролна табла во споредба со SU7.
Xiaomi лансираше спортска верзија на својот седан наречен SU7 Ultra, која вклучува опција за карбонска хауба со воздушни канали, но клиентите тврдат дека таа не функционира ниту создава потисна сила. Поради ова, тие сметаат дека биле измамени и се обиделе да ги откажат своите нарачки, а компанијата одговорила со „период на размислување од 60 дена“ пред да можат да се обработат откажувањата. Според компанијата, доколку клиентот не одлучи да продолжи со производството во рок од 60 дена, нарачката ќе се смета за откажана. Купувачите не се задоволни од ова и бараат враќање на депозитот и размислуваат за тужба.
Продажбата на моделот е во опаѓање во последните три недели.