За фудбалот и федерализацијата

од Берта Китинска
2,K прегледи

Концептот на когнитивна дисонанца во психологијата е интегрален дел од политичките верувања. Не постои подобар пример за тоа од фактот што меѓу оние кои скандираа “мртов шиптар добар шиптар” на прославата по фудбалската победа над Италија, имаше и такви кои носеа дресови од Адеми, Барди и Муслиу.

Иако лаички инцидентот може лесно да се протолкува како израз на интелектуална ограниченост и морална беда, преку науката можеме да стекнеме аналитичка призма со која ќе го надминеме разочарувањето и гадењето, и ќе можеме рационално да се соочиме со ваквите феномени. Понатаму тоа знаење ќе можеме да го примениме и во други ситуации, со што ќе се чувствуваме посигурно и поефикасно, и ќе можеме да дадеме наш придонес во општествената еволуција.

Накратко, секоја личност поседува ставови, кои се вгнездени во вредности. Кога доаѓа до ситуација во која нашите ставови влегуваат во конфликт со нашите вредности, когнитивната дисонанца мора да биде разрешена во корист на вредностите, бидејќи нивното ниво е повисоко во когнитивната хиерархија. Ставот на оние кои се избрукаа со навредливиот слоган, е дека репрезентативците треба да се ценат, но од друга страна, вредностите им се тврдо националистички. Оттаму, соочени со изборот да скандираат или не, тие инстинктивно ќе го сторат првото за да ја разрешат дисонанцата.

Комплементарни когнитивни парадокси ја продлабочуваат патологијата на македонскоалбанските односи. На пример, без исклучок реакцијата на навредливо скандирање од било која страна, е екстремна генерализација од страната која е навредена и екстремна релативизација од страната која навредува. Вчера Македонците или беа колективно обележани како геноциден народ, или целиот настан беше окарактеризиран како “абе играју се деца”, во зависност од страната. Истото, само обратно, се случува кога ќе се избрукаат и албанските деца со нивните навредливи слогани.

Преминувајќи од индивидуалното ниво на општественото, наскоро ќе ги добиеме резултатите и од пописот, чија единствена мизерна намена е да го одреди соодносот меѓу Македонците и Албанците. Како статистичка операција, пописот е целосно бесмислен, бидејќи во било кое сценарио, неговиот исход ќе биде контестиран. Ако Албанците излезат 15 отсто, тогаш за нив ќе биде нелегитимен, а за Македонците кристално чист.

Ако излезат 30 отсто, тогаш ќе биде обратно. Пристрасност за потврда (confirmation bias) пар екселанс, со потенцијално страшни последици.Пописот никако не може да биде успешен, исто како што и Македонија да го освои светското првенство со десет Албанци од единаесет на теренот, “децата” пак ќе урлаат “мртов шиптар добар шиптар”, иако ова е буквално пример за антирамковната меритократска еднаквост што наводно како мнозинство Македонците ја бараат. Но токму овде се препознава хипокризијата, бидејќи не постојат никакви вредносни постулати на кои се базира политичко-општествената визија, освен меѓусебниот страв и омраза.

Токму затоа и политичките моќници не вложуваат никаков напор за максимално акцентирање на мултиетничноста на овој сплотен репрезентативен состав. Нив повеќе им одговараат симболични акти, како делење дипломатски пасоши на тренерот и двајца играчи, отколку координирана кампања за расчистување со когнитивните парадокси кај граѓаните. Етничката политика има толку длабок корен, што и оние кои се сметаат себеси за космополити ги репродуцираат тие парадокси. Во спротивно, зошто нивниот аргумент против бојкотот на пописот, пропагиран од радикалната десница, би бил “ако бојкотираме ќе излеземе помалку”?

Во оваа смисла, интересно е како истите космополити во нивниот дуел со про-руските конзервативци прашуваат “како можете да сте против Украина, па тие ни дадоа тенкови во 2001?”. Паралелните универзуми на Македонците и Албанците од кои произлегуваат стравот и омразата, и сите понатамошни апсурдни механизми на интерпретација, потекнуваат од дијаметрално спротивните сфаќања на војната во 2001 и тоа што водело до неа. За Македонците, таа секогаш ќе биде терористички заговор од Косово. За Албанците општонародна борба за права и еднаквост.

Како можеме да живееме заедно во иста држава со толку различни наративи за еден клучен историски период во кој сме учествувале сите? Затоа што тие што се на водечките
позиции не прават ништо да ги премостат тие наративи, туку напротив, ги потхрануваат.

Овие сфаќања се вистинското наследство на 2001, како продукт на стратешката незаинтересираност да се дојде до конзензус за значењето на војната.

Во 20-годишната ера на ДУИзмот, флоскулите маскираат парализирано општество, идеално за акумулација на корумпирана моќ. Ова е неодржлива парадигма, која когатогаш ќе експлодира, затоа што ако на овој начин влијае на либералите, можеме само да замислиме како ги радикализира тие кои веќе се националисти. Всушност, не ни мора – гледаме по социјални медиуми, и плоштади.

Решението за сето ова е двојно. Најпрвин, изградба на надидеолошко движење базирано на најмал заеднички содржател, кој ќе ги стави во функција областите што немаат етничка конотација: животна средина, здравство, образование. Наместо против другиот етникум, ваквото движење ќе мобилизира против политичките елити од двете страни, како единствени виновници за уривањето на овие основни општествени столбови.

Единствената долгорочна идеолошка агенда на ова движење треба да биде ставање крај на монолитниот статус на етничката припадност, преку негова фрагментација низ процесот на хиперлокализација на политиката. Основата на внатрешниот конфликт меѓу Македонците и Албанците, е борбата за сопственост на државата. Но државата не е трофеј, туку обичен административен апарат за полесно остварување на основните животни потреби, како животна средина, здравство и образование.

Оттаму, ако нема држава во сегашната форма, тогаш нема на што да се претендира сопственост. Кога ќе се сфати ова, тогаш веќе може да се размислува за поинаква форма на државата, во која локалните единици, етнички мешани како и сите други, имаат широка автономија, а централната власт е со драматично редуцирани ингеренции.

За сегашниот естаблишмент ваков проект е самоубиство, и затоа од идејата за федерализација низ децениите дискурсивно создадоа бабарога. Но можеби (кон)федерација на суверени локални единици кои не се базираат на етничка припадност е чудото кое и е потребно на оваа земја за да избегне трагична судбина. За тоа, потребен е некој ослободен од когнитивни парадокси, со храброст и знаење во политиката, како репрезентативците во фудбалот.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини