Volkswagen доби ветувања од инвеститорите за планираното ИПО на Porsche, а меѓу заинтересираните е и познатиот Норвешки државен фонд, велат запознаени со ситуацијата.
Norges Bank Investment Management се согласи да учествува во една од најголемите иницијални јавни понуди во Европа (ИПО), соопштија извори запознаени со прашањето. Во преговорите, VW во моментов се залага за проценка од околу 70 до 85 милијарди евра, велат упатени лица кои побараа анонимност бидејќи се работи за приватна информација.
На горниот дел од тој опсег, Porsche би вредел речиси исто колку и самиот VW. Во последните 12 месеци цената на приоритетните акции на најголемиот европски производител на автомобили се лизна за околу 23 отсто, што на компанијата и дава пазарна вредност од 89 милијарди евра.
Други големи инвеститори како што е финансискиот конгломерат T. Rowe Price Group веќе изразија интерес за претплата на акциите на Porsche. Qatar Investment Authority презеде прелиминарна обврска да купи 4,99 отсто од акциите, беше објавено неодамна од самата VW.
Дитрих Матешиц, милијардерот и креаторот на енергетскиот пијалок Red Bull, исто така бил во преговори за купување акции преку понуда, се дознава. Сепак, инвестицијата веројатно нема да се реализира откако пропаднаа преговорите за потенцијално партнерство меѓу Porsche и Red Bull во Формула 1, забележуваат извори запознаени со ситуацијата.
Овој викенд VW планира да ја финализира одлуката за ценовниот опсег на Porsche и да започне со прифаќање на нарачки од инвеститорите на почетокот на следната недела.