ПОЛСКА може да воведе задолжителна вакцинација на некои групи граѓани кои се изложени на висок ризик од Ковид-19, за да се спречи потенцијалниот нов голем бран на инфекции од август, рече полскиот министер за здравство.
Во земјата со скоро 38 милиони жители, вакцинирани се вкупно 12,8 милиони.
„За жал, имаме впечаток дека достигнавме одреден максимум. Тешко е да се убедат оние кои не се убедени, бидејќи сите аргументи се веќе презентирани и беа преземени други видови мерки“, рече Адам Нидзиелски за католичкото „Радио Плус“.
„Зборуваме за сценарија како задолжителна вакцинација за оние кои се најмногу изложени на тешки последици од ковида-19, зборуваме за постари граѓани, но пред сè за лекари“, рече тој.
Починаа над 75.000 луѓе
Тој го коментираше брзото ширење на делтата варијанта на коронавирусот во Велика Британија.
„Она што се случува во Велика Британија се случува тука околу два месеци подоцна … Во нашиот случај постои можност за четврти бран во втората половина на август“, рече тој.
Полска во вторникот пријави 123 новоинфицирани, додека на пикот на третиот бран на пролет, дневниот број на заразени надмина 35.000.
Во земјава досега биле заразени вкупно 2.879.811 лица, а починале 75.005 лица.