За помалку од еден час закажани и направени над 300 бесплатни кардио прегледи од Клиника Жан Митрев

од Vladimir Zorba
186 прегледи

Клиниката Жан Митрев како општествено одговорна компанија традиционално и оваа година дава свој придонес кон одбележувањето на светскиот ден на срцето 29 Септември. За помалку од еден час беа закажани и во текот на денот направени над 300 бесплатни кардио прегледи од страна на 11 доктори од врвниот тим на Клиника Жан Митрев.

„Ние веруваме во свет во кој здравјето на срцето е основно човеково право и клучен елемент на глобалната здравствена правда, затоа на овој ден сите наши кардиолози на трите локации во Скопје, Струмица и Битола извршија бесплатни кардио прегледи. Прегледите вклучуваа проверка на притисок, ЕКГ, ЕХО на срце и секако им беа дадени совети во насока на превенција и здрав живот. Преку овие активности ние како клиника се трудиме да ја зголемиме свеста кај широката популација и да промовираме превентивни мерки за намалување на бројката на срцеви заболувања и мозочни удари во земјата”, велат од Клиника Жан Митрев.

Активностите на Клиника Жан Митрев продолжуваат и оваа сабота во Скопје во Градскиот парк на Школка, како поддршка на заедничката акција во организација на Институтот за јавно здравје и организацијата Здрава Иднина, на која ендокринолог и кардиолог од клиниката ќе прават бесплатна проверка на притисок и шеќер на граѓаните. А во Жан Митрев дијагностик покрај спроведувањето на акцијата за бесплатни кардио прегледи имаа и организирана едукативна посета од ученици од 3-1одделение од ООУ “Коле Канински” – Битола.

Креиран од Меѓународната федерација за срце, 29 Септември ги обединува луѓето од сите земји и средини во борбата против товарот на КВБ и инспирира и поттикнува меѓународна акција за одржување на здравјето на срцето. Фокусот е на информирањето на луѓето ширум светот, дека кардиоваскуларните болести (КВБ), се водечка причина за смрт и одземаат 18,6 милиони животи секоја година. Целта е и да се поттикне акција за едуцирање на луѓето дека со контролирање на ризик факторите како: употребата на тутун, нездравата исхрана и физичката неактивност, може да се избегнат најмалку 80% од предвремените смртни случаи резултат на срцеви заболувања и мозочен удар.

Слични содржини