Лидерите на земјите-членки на Г-20 за прв пат ќе се обврзат целосно да финансираат шема од 20 милијарди долари од Светската здравствена организација (СЗО) која има намера да дистрибуира вакцини и лекови против Ковид-19 на сиромашните земји, според нацрт-заклучоците на самитот.
Во документот, кој може да се промени до глобалниот самит за здравство во Рим на 21 мај, исто така се наведува дека лидерите на 20-те најголеми економии во светот се посветени на зајакнување на производствениот капацитет за технологии што се користат против Ковид-19, но не се споменува укинување на патентите за вакцини, што вчера беше поддржана од американскиот претседател Џо Бајден.
За прв пат, лидерите на Г20 експлицитно ќе се заложат за „правично и целосно финансирање на стратегијата за пристап до „COVID-19 Tools Accelerator (ACT-A)“, односно шема на СЗО со која вакцините, лековите и тестовите се достапни на сиромашните земји.
Шемата „ACT-A“ беше лансирана во април 2020 година, но досега беше недоволно финансирана. СЗО за иницијативата побара 34 милијарди долари, а во моментов недостасуваат 19 милијарди долари.
Нацртот ќе се дискутира на состанокот на дипломати и експерти кои се подготвуваат за самитот на Г20.
Според нацртот, лидерите, исто така, се обврзуваат на „глобално споделување на вишокот дози на вакцини“, но не е јасно дали вишокот вакцини ќе бидат дистрибуирани до сиромашните земји преку билатерални договори, преку глобалната иницијатива COVAX или преку регионални иницијативи како што е механизмот на ЕУ.